Православните верници на 18 ноември ги чествуваат Преподобните маченици Галактион и Епистима, чиј живот е необична приказна за свршеници што, наместо да стапат во брак, решиле заедно да Му го посветат својот живот на Бога.
Тие потекнувале од феникискиот град Едеса, а нивните родители најпрвин биле незнабошци. Мајката на Галактион, Левкипија, долго време немала деца, но откако ја прифатила христијанската вера, кон неа го привела и својот сопруг. Така и нивниот син бил воспитан како христијанин.
Кога дошло време да се ожени, татко му го свршил со младата Епистима. Но Галактион не сакал брак. Наместо тоа, ја советувал својата свршеница најнапред да се крсти, а потоа заедно да се замонашат.
Епистима се согласила со неговата одлука, па двајцата се повлекле на планината Пуплион. Галактион заминал во машки манастир, а Епистима во женски. Иако живееле одвоено, и двајцата биле пример за молитва, смирение, послушание и љубов кон верата.
Според преданието, не се сретнале ниту излегувале од манастирите сè до денот на нивното маченичко страдање.
За време на жестокото прогонство на христијаните, Галактион и Епистима биле изведени пред суд и подложени на тешки маки. Додека Галактион бил мачен, Епистима плачела поради неговите страдања, по што и самата била претепана. На двајцата им биле отсечени рацете и нозете, а потоа и главите.
Нивните тела ги погребал Евтолиј, кој порано бил слуга во семејството на Епистима, а подоцна станал монах заедно со Галактион. Според црковното предание, токму тој го напишал и нивното житие.
Галактион и Епистима пострадале во 253 година, оставајќи силно сведоштво за верата, пожртвуваноста и духовната посветеност.
Нивниот спомен се одбележува на 18 ноември според новиот календар, односно на 5 ноември според стариот календар.

