На 15 септември, православните верници го прославуваат Светиот маченик Мамант, кој од најмлада возраст ја исповедал својата христијанска вера и останал непоколеблив во својата посветеност на Христа, дури и пред лицето на жестоки мачења.
Свети Мамант потекнувал од Пафлагонија, а неговите родители Теодот и Руфина биле познати христијани. Поради својата вера, тие биле затворени, а таткото починал во затвор, додека мајката починала веднаш по раѓањето на Мамант. Како бебе, тој останал во затворот меѓу телата на своите починати родители.
Според преданието, Божјиот Ангел и се јавил во сон на една благородна вдовица по име Ама, која добила наредба да го земе детето од затворот. Таа побарала дозвола од градоначалникот да ги погребе родителите, а Мамант го однесла со себе за да го одгледа во својот дом.
Мамант почнал да разговара на само пет години, а првиот збор му бил „мама“, поради што го добил името Мамант. Како млад ученик, се покажал како извонредно интелигентен, со длабока вера и храброст да ја исповеда својата вера, дури и против идолопоклониците.
Во времето на царот Аврелијан, прогонството на христијаните се интензивирало. Кога Мамант имал само 15 години, бил изведен пред царот, кој му побарал да се одрече од Христос, но тој остро одбил.
Заради својата верност, Мамант бил подложен на сурови мачења: бил тепан, горен со свеќи и на крајот фрлен во море. Но Божјиот Ангел го спасил и го однел на висока планина во близина на Кесарија.
Таму Мамант живеел во самотија и молитва, а според преданијата, дури и дивите животни се приближувале кон него. Меѓутоа, гонителите го пронашле и повторно го подложиле на мачења. По тоа што, според преданијата, ја издржал и силата на огнот и нападите од дивите животни, на крајот бил убиен од идолски жрец со трозабец.
Своето земно патување го завршил верен на својата вера, а според црковното предание, многу исцеленија на болни се случиле од неговите мошти.


