Европската комисија денеска предложи модернизација на возачките дозволи, вклучително и воведување дигитални дозволи, први во светот, кои ќе важат во цела ЕУ.
Беа предложени и нови одредби за подобрување на примената на сообраќајните прописи во прекуграничниот сообраќај.
Комисијата наведе дека во 2022 година на патиштата во ЕУ биле загубени повеќе од 20.000 животи, а најмногу настрадале пешаците, велосипедистите и возачите на скутери и мотоцикли.
Новите правила ќе ја подобрат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а исто така ќе и помогнат на ЕУ да ја постигне својата цел за нула смртни случаи на патиштата до средината на векот.
Целта на измените е и подобра подготовка на возачите за возила со нулта емисија на штетни гасови и возење во услови на поголем број на две тркала и пешаци.
Правилата ќе им овозможат на младите возачи да стекнат искуство преку шема за возење со придружба од 17-годишна возраст. Ова подоцна ќе придонесе да се одговори на проблемот со недостигот на возачи во ЕУ.
Комисијата наведе дека целта на модернизацијата на возачките дозволи, која е инспирирана од најдобрите практики на неколку земји-членки, е патиштата да се направат побезбедни и да се поедностави секојдневниот живот.
Се наведува дека за новите возачи е предвиден пробен период од најмалку две години и нулта толеранција за возење под дејство на алкохол.
Како што посочува, ова е од клучно значење бидејќи младите претставуваат само осум проценти од сите возачи, а во два од пет фатални судири учествуваат возачи помлади од 30 години.
Во периодот 2017-2020 г. на секои 100.000 нови возачи имало десет фатални несреќи годишно во споредба со три во сообраќајни несреќи во кои учествувале искусни возачи, покажуваат податоците од програмата CARE за 18-те земји-членки на ЕУ.
Се предлага и адаптација на обуката со цел подобро да се подготват идните возачи за присуство на чувствителни учесници во сообраќајот и повеќе насочена здравствена проверка.
Комисијата објави и дека целта на воведувањето дигитални возачки дозволи е да се поедностави признавањето на дозволите меѓу земјите-членки.
Дигиталните дозволи полесно ќе се заменат и обновуваат бидејќи сите процедури ќе бидат онлајн. Исто така, на граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ со споредливи стандарди за безбедност на патиштата ќе им биде полесно да ја заменат својата лиценца за лиценца на ЕУ.
Предлогот на Комисијата сега треба да биде разгледан од Европскиот парламент и Советот во редовната процедура.



GIPHY App Key not set. Please check settings