Подготовката на ајвар и зимница е дел од традицијата во многу македонски семејства, но начините на кои се спроведува можат да предизвикаат проблеми. Иако не постои законска забрана за правење зимница во сопствениот двор, користењето на отворен оган во одредени ситуации може да резултира со парична казна до 1.000 евра.
Според Законот за заштита и спасување, граѓаните мора да внимаваат на отворениот оган и да избегнуваат активности што можат да го загрозат околината, пожарот или експлозијата, како и загадувањето на воздухот.
За оние кои не ги исполнуваат овие обврски, предвидена е глоба во денарска противвредност од 1.000 евра. Тоа значи дека само варењето ајвар не е забрането, но проблем може да настане ако чадот, огнот или начините на користење на ќумбето се опасни за околината.
Темата стана актуелна по бројни пријави за загадување во Волково и Струмица, каде полицијата интервенирала.
Додатни ограничувања важат и за подготовка на зимница на јавни површини. Палењето оган или поставувањето ќумбиња на тротоари, улици, паркинзи и зелени површини може да биде прекршување на прописите за јавна чистота.
Надлежните органи редовно апелираат до граѓаните да бидат внимателни при користењето на отворен оган. Важно е пред палењето на ќумбето да се внимава на безбедноста, количината на чад и влијанието врз соседите. Традицијата е дозволена, но мора да се почитуваат законските норми.

