Во Соединетите Американски Држави денеска ќе се спроведе национална проверка на системот за итни известувања, со цел да се утврди дали функционира правилно и дали е подготвен да реагира во непредвидени и опасни ситуации.
Тестот е закажан за 17 ноември во 14:20 часот по источноамериканско време, а ќе го организираат Федералната агенција за управување со вонредни ситуации и Федералната комисија за комуникации.
За време на проверката, телевизиските станици и радиостаниците, како и кабелските и сателитските оператори, накратко ќе ја прекинат редовната програма за да ја емитуваат тест-пораката. Прекинот ќе трае околу една минута.
Граѓаните ќе добијат јасна порака дека станува збор за редовна техничка проверка, а не за реална опасност. Известувањето ќе биде достапно на англиски и на шпански јазик.
Овој пат проверката нема да ги опфати мобилните телефони, туку само системот за предупредување преку телевизиските и радиоканалите.
Со ваквите тестови американските институции проверуваат дали системот може ефикасно да функционира во случај на природни катастрофи, тешки несреќи или други вонредни околности.
Доколку тестирањето не се одржи според планираното, резервниот датум е 3 декември 2026 година.


