Дваесет и шестгодишната Сара Ѓорѓиеска, по неколкудневно лекување, е пуштена на домашно закрепнување. Таа била примена во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид по сериозен насилен инцидент, при што се здобила со повеќе повреди.
За време на престојот во болницата ѝ биле направени детални лекарски прегледи, меѓу кои и компјутерска томографија на главата. Од здравствената установа соопштиле дека кај младата жена се утврдени хематоми и модринки на повеќе делови од телото.
Во меѓувреме, случајот доби и судски епилог во делот на притворот. Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против 31-годишниот Кристијан Корабоски, кој се сомничи за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. На предлог на обвинителството, судот му одреди 30-дневен притвор.
Според обвинителството, осомничениот во рамките на семејно насилство ѝ го ограничил движењето на жената, потоа физички ја нападнал и ѝ нанел повреди, со што ѝ ја загрозил безбедноста.
Во истрагата, оштетената дала исказ пред надлежните органи, во присуство на претставници на социјалните служби. Било побарано и стручно медицинско вештачење за да се утврдат видот и тежината на повредите.
Случајот доби нов развој вчера попладне, кога Корабоски повторно бил приведен поради нови сознанија во предистражната постапка. Од СВР Охрид ја потврдиле информацијата, но не откриле што точно се случило ниту кои се новите околности што довеле до дополнителна полициска постапка.
Засега не е познато дали обвинителството ќе преземе дополнителни мерки во врска со неговиот притвор.


