Утрово Србија ја потресе тешка авионска несреќа, кога воен авион „Миг-29“ паднал на земјоделска површина во близина на Нова Пазова и Стара Пазова. Во несреќата животот го загубил пилотот, што го потврди Радио-телевизијата на Србија.
Според првите информации, леталото припаѓало на 204-та воздухопловна бригада на Војската на Србија, која е стационирана на воениот аеродром во Батајница.
Веднаш по падот, на местото биле испратени припадници на Војската на Србија, воената полиција и редовната полиција, како и противпожарни екипи и екипи на итната медицинска помош.
Засега не се познати причините за несреќата, а надлежните институции уште не објавиле официјални детали за околностите под кои се случила трагедијата.


