Македонец што живее и работи во Шведска се изненадил кога на полиците во тамошна продавница забележал пакување на популарна шведска марка со фотографија од езерото Козјак.
Станува збор за гел за миење тело, коса и лице, а на предната страна од пакувањето е искористен препознатливиот пејзаж на езерото, опкружено со планински масиви. Човекот веднаш го препознал мотивот и ја испратил фотографијата до редакцијата на „Скопје1“, споделувајќи го своето изненадување.
Тој раскажал дека случајно наишол на шведски шампон, кој е многу популарен и најпродаван во Шведска, а на пакувањето забележал слика од Козјак. Производот има мирис на цитрус и сандалово дрво, а на пакувањето е наведено дека е произведен во Скандинавија.
Така, македонски пејзаж се нашол на пакување на производ што се продава на шведскиот пазар, предизвикувајќи пријатно изненадување кај нашиот иселеник.


