Џек Финчам, поранешниот победник на британското реалити-шоу „Love Island“, повторно се најде во центарот на вниманието откако бил уапсен поради сомнение дека возел под дејство на дрога. Ова е негово второ апсење за само два месеца, и тоа и покрај забраната да управува со возило до 2029 година.
Според британскиот весник „The Sun“, 34-годишниот Финчам бил запрен од полицијата на 3 ноември во близина на трговскиот центар „Bluewater“ во Дартфорд, додека управувал со син „Smart“. Полицијата во Кент соопштила дека 34-годишен маж од Свонли бил уапсен поради сомнение за три прекршоци: возење за време на важечка забрана, управување со возило без осигурување и возење под дејство на дрога. По сослушувањето, тој бил пуштен со кауција, а истрагата продолжува.
Ова не е првпат Финчам да има проблеми со законот поврзани со возење. Во септември бил уапсен по инцидент во кој, според британските медиуми, со својот „Audi TT“ удрил во ѕид во југоисточен Лондон, откако претходно го напуштил локал во Сидкап. Особено внимание привлекува и тоа што ова апсење доаѓа во период кога Финчам јавно зборувал за својата посветеност на трезвеноста и личното закрепнување. Тој неодамна објавил дека се повлекува од планиран боксерски натпревар на 12 декември, објаснувајќи дека во моментов мора да им се посвети на своите лични проблеми и на здравјето.
Финчам стана познат во 2018 година, кога заедно со Дани Даер ја освои четвртата сезона на британското реалити-шоу „Love Island“. Неговото ново апсење повторно го стави во фокусот на британската јавност.


