Саша Ковачевиќ, еден од најпопуларните пејачи на регионалната сцена, повторно ќе настапи во Скопје. Концертот е закажан за 26 декември во арената „Борис Трајковски“.
Публиката ќе има можност во живо да ги слушне неговите добро познати љубовни балади и поп-хитови, кои со години се дел од плејлистите на повеќе генерации.
Ковачевиќ е роден на 27 јули 1985 година во Земун. Музичкото образование го започнал уште во детството, кога почнал да учи пијано. Професионалната кариера ја започнал на фестивалот „Сунчане скале“ во 2004 година, по што следувале успешни албуми, соработки и бројни хитови што го направиле едно од најпрепознатливите имиња на регионалната поп-сцена.
Меѓу песните по кои е најпознат се „Живим да те волим“, „Температура“, „Лапсус“, „Случајно“, „Пиши пропало“ и „Још ти се надам“. Особено значајна е и неговата соработка со Емина Јаховиќ на дуетот „Још ти се надам“, кој остави силен впечаток на регионалната музичка сцена.
Концертот ќе почне во 20 часот, а влезниците се достапни преку продажната мрежа на „Купи карта“. За сите што ја сакаат неговата музика, ова ќе биде можност добро познатите рефрени да се доживеат во живо на поинаков начин.

