Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Свети Јован Милостив, александриски патријарх, кој е познат по својата голема добрина, човекољубие и постојана грижа за сиромашните и беспомошните.
Тој бил роден на островот Кипар, во угледно семејство, и уште од најмала возраст бил воспитуван во христијански дух. Се оженил по желба на своите родители и имал деца, но подоцна, по Божја промисла, ги загубил сопругата и децата.
Поради својата побожност и милосрдие бил избран за александриски патријарх во времето на царот Ираклиј. На чело на Александриската Црква останал десет години, посветен на духовната грижа за верниците и на заштитата на Црквата.
Неговото име останало запаметено по многубројните милосрдни дела. Тој постојано им помагал на сиромашните, вдовиците и на луѓето во неволја, а неговата добрина била посилна од секоја лична гордост. Една од поуките што му се припишуваат гласи: „Ако сакаш благородство, не барај го во крвта, туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“.
Се раскажува дека еднаш, за време на богослужба, се сетил дека еден од клириците му е лут. Без двоумење ги оставил Светите Дарови, му пришол и побарал прошка од него. Дури откако се помириле, се вратил пред жртвеникот.
Посебно е позната и случката со сиромашна вдовица, која го запрела на пат кон црквата за да му ја раскаже својата мака. Кога придружниците го потсетиле дека треба да побрза, тој им одговорил: „А како Бог ќе ме послуша мене ако јас не ја послушам неа?“
Кога Персијците го нападнале Египет, Свети Јован бил принуден да замине со брод кон Кипар. На пат се разболел и по пристигнувањето во родниот крај се упокоил во 620 година. Неговите чудотворни мошти подоцна биле пренесени во Цариград, Будимпешта и Пресбург.
Свети Јован Милостив останал запаметен како пример за вистинска човечност, смирение и несебична љубов кон луѓето. Неговиот живот и денес потсетува дека најголемото богатство на човекот е добрината што ја покажува кон другите.


