Париз се подготвува за голема посетеност по повод историската посета на папата Лав XIV во Франција. Во француската престолнина се очекува стотици илјади верници, а властите преземаат засилени мерки за безбедност.
Најголем број на луѓе се очекуваат во сабота, кога папата ќе одржи значајна миса на отворено. Според најавите, на просторот помеѓу Плоштадот Конкорд и Шанзелизе би можеле да се соберат околу 600.000 луѓе.
Исто така, интересно е и за петочната програма, каде околу 250.000 посетители се предвидува да присуствуваат долж трасата по која папата ќе се движи со папамобилот, пред неговото пристигнување во катедралата Нотр Дам.
Дополнително, околу 80.000 млади ќе учествуваат на молитвеното бдение на стадионот „Стад де Франс“.
Поради големиот број на посетители, француските власти организираа опсежна безбедносна операција. Илјадници полицајци, жандарми и припадници на безбедносните служби ќе бидат распоредени низ градот, особено во близина на местата каде што папата ќе се движи и престојува.
Ќе бидат спроведени и посебни мерки за контрола на пристапот, ограничувања во сообраќајот и системи за спречување на неовластени летови со дронови.
По престојот во Париз, папата Лав XIV ќе продолжи кон Лурд, каде исто така се очекува голем број верници, а посетата на Франција ќе заврши во Мец. Ова е прва апостолска посета на Франција за папата откако ја презеде својата функција.


