Трагично заврши инцидентот што се случи кон крајот на август во населбата Чаир во Скопје.
По речиси три недели поминати во животозагрозувачка состојба, почина 13-годишното момче, кое беше тешко повредено со нож за време на физичка пресметка на улицата „Македонско-косовска бригада“. Лекарите се бореа за неговиот живот откако беше хоспитализирано на 31 август во критична состојба.
Инцидентот се случил околу 22 часот, при што имало конфликт помеѓу две групи. Според информациите од МВР, во пресметката учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице. Полицијата информираше дека за време на конфликтот биле употребени ножеви, а одземени се три ножа, гумена палка и други предмети. Повеќе лица се повредени, вклучувајќи го и момчето, кое претрпе тешки повреди.
На 3 септември, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека детето е во животозагрозувачка состојба и има убодна рана во пределот на срцето. За жал, по неколку недели борба, детето подлегна на повредите. Веста за неговата смрт беше објавена на 23 септември, а денес ја потврдија и други македонски медиуми.
Овој трагичен исход повторно ја поставува на дневен ред темата за насилството кај младите и сè поголемото присуство на оружје во физичките конфликти помеѓу нив.


