Жителите на Драчево вечерва треба да се подготват за нова акција на дезинсекција против комарци. Центарот за јавно здравје, во соработка со Општина Кисела Вода, организира трета вонредна интервенција во населбата и селото Драчево, со цел да се намали бројот на комарци и да се спречи нивното размножување.
Прскањето ќе се одвива од 22:00 до 24:00 часот со специјализирано возило, а акцијата ќе биде насочена кон возрасните комарци. Оваа активност е дел од засилените мерки на надлежните поради зголемениот број на овие инсекти.
Пред два дена, беше спроведена втората акција, при која екипите работеа на уништување на ларвите во каналите, влажните простори и другите критични места каде што постојат услови за размножување.
Надлежните апелираат до пчеларите навремено да ги заштитат пчелните семејства поради вечерното прскање.
Граѓаните се советуваат да ги затворат прозорците и вратите во периодот од 22:00 до 24:00 часот, со цел да се минимизира влијанието на третманот.
Акцијата е организирана од Центарот за јавно здравје – Скопје во соработка со Кисела Вода, за дополнителна заштита на населението и за ограничување на размножувањето на комарците.

