Најмалку 14 луѓе го загубија животот во голем пожар што избувна во зграда од 40 ката во Тајуан, главниот град на кинеската покраина Шанси. Уште 25 лица се хоспитализирани, а девет од нив се во тешка состојба.
Пожарот започнал во неделата попладне, на 8 ноември, околу 16:59 часот по локално време, во објект во централниот дел на градот. Според надлежните служби, огнот бил изгаснат по околу два часа, а спасувачката акција завршила во 20:30 часот.
Зградата имала повеќе намени: во неа имало хотел, станови за краткорочно изнајмување, деловни простории и образовни центри. Првичните информации покажувале дека по пожарот вкупно 38 лица биле пренесени во болница. Во текот на понеделникот бил обновен билансот, според кој бројот на загинати се искачил на 14, а од 25-те хоспитализирани, девет лица се со потешки повреди.
Снимките од местото на несреќата покажуваат густ чад што се издигал над висококатницата, додека пожарникарите интервенирале со специјална опрема и кранови.
Причината за пожарот засега не е позната. Кинеските надлежни служби започнаа истрага за да утврдат како дошло до несреќата и што ја предизвикало трагедијата.


