in

Зошто опаѓа продажбата на електрични автомобили во ЕУ?

Електричните автомобили изгубија пазарен удел низ Европската унија. Според експертите причина за тоа е политиката на производителот, но и на државата.

Растот на електромобилноста во Европската унија е значително забавен: во јули бројот на новорегистрирани електрични автомобили е намален за 11 отсто во споредба со истиот месец лани. Индустриското здружение ACEA забележа пад на продажбата во дванаесет земји на ЕУ. Дури 37 отсто помалку електрични автомобили се регистрирани во Германија.

Хибридите се продаваат добро

Севкупно, без разлика на типот на погон, бројот на новорегистрирани автомобили во ЕУ е зголемен за 0,2 отсто во однос на истиот месец лани, на вкупно 852.051 возило.

Пазарниот удел на електричните автомобили во новите регистрации на тој начин се намали – од 13,5 на 12,1 отсто. Автомобилите кои користат фосилни горива имаат малку намален пазарен удел од 46 проценти. Хибридните модели, сепак, значително пораснаа и сега сочинуваат 32 проценти.

Клучно: цена и субвенции

„Растот на електромобилноста е во застој – не само во Германија“, вели експертот за мобилност Константин Гал.

Но, зошто е тоа така? „Клучниот фактор што во моментов го спречува понатамошното ширење на електричните автомобили е високата цена“, вели Гал. Во земјите каде има висока финансиска поддршка од државата, продажбата се развива позитивно. Онаму каде што недостасуваат овие субвенции, купувачите се одлучуваат за поевтини автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Најдобар пример е Германија: овде, укинувањето на еколошката премија значително ја намали продажбата на електрични автомобили. Но, забележливо е и дека електричните автомобили добро се продаваат само во земјите со високи државни субвенции.

Тука првенствено се вклучени скандинавските земји – во Данска пазарниот удел на електричните автомобили е веќе 52 отсто, а во Шведска 34 отсто. Исто така, е-автомобилите се барани во Бенелукс благодарение на владините премии: Белгија, Холандија и Луксембург имаат пазарен удел од околу 30 проценти.

На исток – занемарлив удел на е-автомобили

Меѓутоа, во повеќето други земји на ЕУ, електричните возила сè уште остануваат апсолутен производ. „Во дури 15 земји од ЕУ, пазарниот удел на електричните автомобили во јули беше под десет проценти“, нагласува Гал. Во Германија тоа е само 13 проценти.

Во земјите од Источна и Југоисточна Европа, електричните автомобили сè уште се многу ретки на патиштата, со пазарен удел од скромни 4,3 проценти.

„Пазарните удели се занемарливи и има малку индикации дека тоа ќе се промени во догледна иднина“, вели Гал.

Скапо паралелно производство одржување на двата вида

Слабиот развој на пазарот за електрични автомобили претставува голем предизвик за индустријата. Производителите на автомобили сега треба да ги приспособат своите амбициозни цели за електрични возила на реалноста и да го прошират паралелното присуство на двата типа автомобили на пазарот – оние со мотори со внатрешно согорување и оние со електричен погон. Според експертите од индустријата, тоа ќе чини многу пари.

Подобрување на ситуацијата може да се очекува само на среден рок, според Гал: „Кога на пазарот ќе се појават поевтини електрични автомобили, може да се добијат нови групи клиенти“.

Што мислите?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Нова снимка од Титаник прикажува тажна сцена: Падна и дел од оградата, уметничките дела се распаднаа

Почина легендарниот Бора Ѓорѓевиќ, познат по прекарот Бора Чорба