Во скопската населба Драчево се догодил инцидент синоќа, при што 57-годишна жена била ранета од зрно од огнено оружје, додека седела во дворот на својот дом.
Според информации од Министерството за внатрешни работи, повредата била пријавена на 14 септември, околу 21:45 часот, од Поликлиниката Драчево, каде што била донесена жената со повреда на рамото.
Како што е објавено, околу 20:40 часот, додека седела во дворот, таа почувствувала силен удар. Лекарите утврдиле дека повредата е предизвикана од зрно од оружје.
Полицијата сè уште не ги знае околностите на испукувањето и идентификацијата на лицето кое ја употребило пушката. Од МВР информираат дека преземаат мерки за целосно расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителот.


