Биља Крстиќ вечерва ќе ѝ подари на публиката посебна музичка вечер, а непосредно пред излегувањето на сцената не ги сокри возбудата и тремата. Иако зад себе има долга кариера и многу настапи, таа призна дека и натаму чувствува голема одговорност кога ќе застане пред слушателите.
„Не знам што се случува, повторно имам трема“, рече Биља пред концертот.
Овој настап за неа има и дополнителна симболика, затоа што токму на сцената ќе го одбележи својот 71. роденден.
„Вечерва го славам роденденот на сцената и се надевам дека ќе ми пеат роденденски песни“, изјави пејачката со насмевка.
Таа нагласи дека зад себе има исполнет живот и успешна кариера, па затоа нема многу неостварени желби. „Имам 71 година и немам неостварени желби, поголемиот дел од нив ги остварив. Единствената желба за вечерва ми е да направам роденденска забава“, порача Крстиќ.
Зборувајќи за програмата што ја подготвила, таа истакна дека станува збор за јубилеен настан во кој со тимот вложиле многу љубов и труд. Биља се осврна и на соработката со бендот „Бистрик“, со кој настапува и кој, како што вели, ѝ припаѓа на новата генерација музичари.
Затоа, вечерешниот настап за Биља Крстиќ ќе биде многу повеќе од обичен концерт — можност со публиката да ги прослави роденденот, јубилејот и долгогодишната посветеност на музиката.


