Автомобилскиот производител Фолксваген за првпат од своето основање размислува да затвори фабрики во Германија, пренесуваат светските медиуми.
Овој потег доаѓа како резултат на зголемениот притисок што конкуренцијата од Азија го создава за европските производители.
Доколку дојде до такво сценарио, Volkswagen ќе затвори една од своите фабрики за прв пат од 1988 година.
Компанијата одлучува и за голема програма за штедење до 2026 година, со цел да се надмине кризата.
Фолксваген, кој вработува околу 680.000 работници, рече дека исто така се чувствува обврзан да ја прекине својата програма за „безбедност на работа“, која е во сила од 1994 година и спречува отпуштања.
Сепак, одлуката се уште не е официјална и за сите мерки ќе се разговара со работничкиот совет, пренесува Ројтерс.
„Ситуацијата е крајно напната и не може да се надмине со едноставни мерки за намалување на трошоците“, изјави извршниот директор на Фолксваген за патнички автомобили Томас Шефер.
Според аналитичарите, фабриките на Фолксваген во Оснабрик, Долна Саксонија и Дрезден се сметаа за потенцијални цели за затворање.
Ваква криза во германската компанија предизвика тешкото економско опкружување, како и новите конкуренти во Европа и слабеењето на конкурентноста на германската економија.
Фолксваген изгуби речиси една третина од својата вредност во последните пет години, што го прави најлошо рангиран меѓу главните европски производители на автомобили.
Според Ројтерс, компанијата се соочува со големи предизвици во Европа, САД и особено во Кина, каде домашните производители на електрични возила го зграпчуваат својот удел на пазарот.