Македонија има нов европски шампион! Марко Блажевски постигна извонреден успех на меѓународната автомобилска сцена, освојувајќи ја титулата во Renault Cup на натпреварувањето во Мизано, Италија.
Со одлично возење и постојана форма, македонскиот натпреварувач успеа да обезбеди титула уште пред финалната трка од шампионатот.
Bлажевски блесна и на патеката во Мизано, завршувајќи ги квалификациите со најдобро време и освојувајќи пол-позиција, а потоа ја потврди својата доминација со победа во трката.
Предизвик за него беа тешките временски услови, со обилни дождови и ниски температури. Сепак, тоа не го одврати македонскиот автомобилист да покаже извонредна подготвеност и да достигне посакуван резултат.
Европската титула е круна на неговата сезона и значајно признание за вложениот труд, посветеноста и професионализмот.
Успехот на Блажевски е доказ дека македонските спортисти можат да се истакнуваат и на најдобрите меѓународни натпреварувања.


