Трагедија се случи во водите во близина на грчкиот остров Крит, каде што најмалку 14 мигранти го загубија животот откако нивниот чамец бил забележан во тешка состојба на отворено море.
Според грчките власти, во пловилото биле пронајдени 13 тела без знаци на живот, а уште едно лице, кое било извлечено живо, подоцна починало во болница.
Чамецот бил забележан во понеделник наутро од товарен брод под мароканско знаме, на околу 15 наутички милји од пристаништето Кали Лименес, во јужниот дел од островот.
Во спасувачката акција биле извлечени 18 преживеани, а четворица од нив веднаш биле пренесени во болница. Меѓу пренесените во болница имало и мало дете. За жал, едно од повредените лица подоцна им подлегнало на последиците од несреќата.
Сè уште не се познати сите околности под кои се случила трагедијата. Првичните сомневања се дека мигрантите можеби поминале неколку дена на море, изложени на тешки временски услови и силен ветер.


