Обвинителството реагираше откако на официјалниот инстаграм-профил на Бака Прасе беше објавено соопштение на неговиот тим дека Богдан Илиќ утрово околу 6 часот бил приведен и дека во моментов не е познато каде се наоѓа, ниту во каква состојба е.
Во објавата се тврди дека тимот има снимка од безбедносни камери на која се гледаат маскирани лица што влегуваат во станот и го одведуваат. Сепак, снимката засега не е објавена, а од адвокатот на Илиќ, како што наведуваат, сè уште не е добиен одговор на испратените прашања.
Според досегашните информации, нема официјална потврда дека Илиќ навистина бил уапсен или приведен од надлежните органи. Неофицијални извори на кои се повикува српскиот медиум „Блиц“ велат дека не била издадена наредба за апсење ниту од Вишото јавно обвинителство во Белград, ниту од Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал.
Истите извори наведуваат и дека на територијата на општината Савски Венац, каде што живее Илиќ, не е регистрирано апсење во неговиот стан. Надлежните институции во меѓувреме детално ги проверуваат информациите што се шират на социјалните мрежи и во дел од медиумите.
Илиќ и претходно се соочувал со закани и обиди за изнуда. Во февруари годинава му беше запален луксузниот автомобил „Мерцедес-Брабус“, а осомничениот во тој случај беше обвинет за обид за изнуда и предизвикување општа опасност.
Случајот и натаму се развива, а засега нема официјални информации каде се наоѓа Илиќ, ниту поради што наводно бил одведен. Обвинителството и полицијата продолжуваат со проверките.


