Понекогаш, љубовта значи борба против идејата дека повредите можат засекогаш да ја ограничат животната радост на вашиот миленик.
Ова е неверојатната приказна за Нитија, малата љубовна птица од Давао, Филипини, која повторно го почувствувала небото благодарение на иновативната идеја на нејзиниот сопственик.
Нитија била сериозно повредена при напад од мачка додека била на рамото на пријател на својот сопственик, Марк Џозеф Коландо. Иако птицата го преживеала нападот, повредите оставиле трајни последици – не можела да стои, да оди ниту безбедно да слетува. Успевала да лета кратко и ниско, но тоа било далеку од она што го правела порано.
Коландо не сакал Нитија да остане без можноста да ужива во отвореното небо. За време на една утринска медитација, му се родила идејата да направи проѕирна кабина и да ја прикачи на дрон.
По завршувањето на конструкцијата, следеле тестирања, а кога системот бил подготвен, Нитија била сместена во кабината и подигната во воздух. На снимките се гледа како патува над пејзажот, додека од кабината се слушаат нејзините звуци. Дронот внимателно се спушта назад на земјата.
Коландо истакна дека внимателно го тестирал решението и дека Нитија по летовите не покажувала знаци на стрес. За него, ова е не само технички експеримент, туку и начин да и врати дел од животот што и бил одземен.
„Таа е моето второ срце“, рекол Коландо, опишувајќи ја својата посветеност кон Нитија.
Приказната брзо се проширила на социјалните мрежи и предизвикала многубројни реакции. Многумина го пофалиле Коландо за неговата љубов, посветеност и креативност, додека пак некои поставиле прашања за бучавата од дронот и нејзиниот возможен стрес.
Без оглед на различните реакции, приказната за Нитија покazuje до каде може да оди човечката посветеност кон животното.
Нитија можеби не лета со сопствени крилја како порано, но благодарение на својот сопственик повторно има шанса да го види светот од височина и да почувствува што значи да се биде во небото.


