Во САД се појави необичен случај што повторно ја отвори темата за одговорноста на вештачката интелигенција. Џејмс Гејтс од Северна Каролина поднел тужба против OpenAI и нејзиниот извршен директор Сем Алтман, тврдејќи дека ChatGPT ѝ помогнал на неговата сопруга да планира обид за негово труење.
Според тужбата, неговата сопруга Шерил Гејтс, која работела како педијатриски терапевт, во текот на 2025 година сè почесто го користела четботот за разговори за секојдневието, работата, лековите и брачните проблеми. Џејмс, наводно, првично ѝ предложил да го користи ChatGPT за побрзо да подготвува извештаи поврзани со професијата. Но, според неговите наводи, разговорите подоцна добиле многу посериозен тек.
Во тужбата се наведува дека Шерил му пишувала на четботот за незадоволството од бракот и за стравовите околу финансиската иднина на семејството. Џејмс тврди дека вештачката интелигенција не само што одговарала на нејзините прашања, туку и ги потврдувала нејзините сомнежи и давала конкретни насоки за наводниот план за труење.
Според обвинувањата, Шерил наводно користела лекови што се издаваат на рецепт и отровни растенија, кои ги ставала во пијалаците на сопругот. Џејмс првпат се посомневал дека нешто не е во ред кога забележал необично горчлив вкус во неговите газирани пијалаци и енергетски напивки. На 10 јули 2025 година неговата здравствена состојба нагло се влошила. Имал срцеви тегоби, силни болки во стомакот, нервоза, слабост и збунетост, а симптомите траеле околу 72 часа.
Неколку месеци подоцна, тој наводно пронашол рачно напишана белешка од сопругата со список на супстанции и дози, како и упатства „избриши ги сите разговори“ и „одјави се од ChatGPT“.
Дополнителни сомнежи, според случајот, предизвикале и предметите пронајдени при претресот на семејниот дом, меѓу кои имало пипети, шприцеви, вага и ракавици. Медиумите пренесуваат дека истражителите ја провериле и историјата на купувања преку Amazon, каде што биле забележани нарачки на шприцеви. Шерил била обвинета за обид за убиство и загадување храна и пијалаци во 2025 година, но обвинителството во април 2026 година ги отфрлило кривичните обвиненија поради недостиг на докази.
Џејмс сега бара одговорност од OpenAI и Сем Алтман, тврдејќи дека компанијата не обезбедила доволно заштитни механизми за да спречи ваква злоупотреба на технологијата.
Од OpenAI за американските медиуми соопштиле дека безбедноста им е приоритет, дека корисничката сметка на Шерил е блокирана и дека компанијата им доставила информации на надлежните органи во рамките на истрагата.
Случајот повторно ја отвори расправата за границите и одговорноста на вештачката интелигенција, особено кога станува збор за опасни совети и нивните последици во вистинскиот живот.


