Лионел Меси ќе го облече дресот на аргентинската репрезентација уште еднаш. Капитенот на светските шампиони е повикан за пријателски натпревар против Бенин, кој ќе се одржи на 6 октомври на познатиот „Естадио Монументал“ во Буенос Аирес.
Овој натпревар има посебно значење, бидејќи е предвиден како официјално збогување на Меси од националниот тим. Аргентинската фудбалска федерација го вклучи 39-годишниот фудбалер во составот за оваа средба.
Меси зад себе има повеќе од две децении играње за Аргентина. Тој дебитираше за сениорската репрезентација во 2005 година и до сега има 207 настапи и 125 постигнати голови, што го прави рекордер по бројот на настапи и голови за Аргентина.
Во неговата репрезентативна кариера се издвојуваат титулите од Копа Америка во 2021 и 2024 година, како и најголемиот успех – освојувањето на Светското првенство во 2022 година.
Овој натпревар ќе биде 208-ми и последен настап за Меси за Аргентина, а ќе се одржи пред домашната публика на „Монументал“, стадион со капацитет од околу 85.000 гледачи. Аргентинската федерација најави дека членовите на шампионскиот тим од Мундијалот во 2022 година се поканети да присуствуваат на големото збогување.
Меси неодамна го покажа и специјалниот дрес што ќе го носи на овој последен натпревар, со што дополнително започна одбројувањето до неговото збогување од аргентинскиот национален тим.

