Дали бојата на косата може да открие нешто повеќе за личноста? Според едно истражување објавено во Psychreg Journal of Psychology, луѓето кои ја бојадисуваат косата во невообичаени нијанси, честопати пријавуваат проблеми поврзани со менталното здравје.
Истражувањето, што носи наслов „Blue Hair and the Blues“, ја анализирало податоците на околу 14.000 корисници на платформата за онлајн запознавање OKCupid. Во студијата, се споредувале луѓе со неприродни бои на коса, како што се сина, зелена, розова или виолетова, со оние кои немаат такво искуство.
Резултатите покажале зголемена појава на депресија и често користење на терапевт кај лицата со неприродни бои на коса, дури и по корекција на фактори како возраст, пол, сексуална ориентација, телесна градба и политички ставови.
Сепак, важно е да се напомене дека ова не значи дека бојата на косата предизвикува депресија, ниту дека секој со сина, розова или виолетова коса има ментални проблеми. Авторите откриле само статистичка поврзаност, но не и причинска зависност.
Интересно е што самите истражувачи ја согледуваат неприродната боја на косата како форма на индивидуално изразување и отстапување од стандардниот изглед. Затоа, следен пат кога ќе видите некого со боја на коса како розова или сина, не брзајте со заклучоците — студијата покажува само статистичка поврзаност, а не правило.

