Во Италија беше продаден редок гастрономски деликатес што привлече големо внимание на светската кулинарска сцена: два бели тартуфа, со вкупна тежина од 850 грама, на аукција достигнаа цена од 100.000 евра.
Скапоцените тартуфи ги купи човек од Хонгконг, кој ја надмина конкуренцијата и ја даде највисоката понуда.
Аукцијата се одржа во замокот Гринцане Кавур, во италијанскиот регион Пиемонт, во рамките на традиционалната Светска аукција на белиот тартуф од Алба. Посебно внимание предизвикаа двата тартуфа, пронајдени заедно, кои беа понудени како еден пакет.
Почетната цена изнесувала 20.000 евра, но интересот брзо ја зголемил вредноста на понудата. На крајот, сумата од 100.000 евра била доволна овој редок кулинарски наод да заврши кај купувачот од Азија.
Во пакетот, покрај тартуфите, биле вклучени и внимателно избрани италијански вина, меѓу кои и познатото „Бароло“, како и панетоне со тежина од 20 килограми.
Настанот имал и хуманитарна димензија. Вкупно биле собрани 545.800 евра, кои ќе бидат насочени кон различни добротворни проекти во Италија и во други земји.
Белите тартуфи од Алба се сметаат за едни од најскапите деликатеси во светот. Нивната реткост, силната арома и специфичниот вкус ги прават вистински гастрономски луксуз, па најквалитетните примероци често достигнуваат исклучително високи цени.


